Моето момче многу пие. Дали да го напуштам или да останам со него?


Прашање: 
Моето момче многу пие. Дали да го напуштам или да останам со него?
Целата работа е што сум многу збунета.  Со него сум веќе 5 години. Уште кога се запознавме тој многу пиеше. Но сега  има периоди кога со денови и недели пие без престан.  Од утро до вечер само пие. Тогаш не го препознавам.

Како да е друга, непозната личност, поточно како иствремено да има неколку лица во себе. А потоа на ништо не се сеќава и секојпат ми ветува дека ќе се среди и ќе престане. Но не престанува. Се плашам дека без мене ќе му биде уште полошо и нема да успее . Се плашам бидејќи и мојот татко многу пие. Колку што го паметам е секогаш пијан, час насилен, час нежен.

Одговор:
Зависноста не е  лесна тема. Со умот човекот се разбира. Ама понекогаш прави  работи без да размислува. Каде му  е  тогаш главата – не знае. Прави нешта кои му го загорчуваат животот, му ги расипуваат односите,  му  ја уништуваат иднината. И само од него зависи дали ќе излезе од таа состојба или не. Ни вие, ниту било кој друг  не може ништо да стори ако тој самиот не посака да го смени својот живот. А за тоа е потребна волја и желба. 


Ме прашувате, дали да го оставите или не?
Би сакала да ви кажам: "Оставете го! Одете си! Со овој човек нема да имате добра иднина. Секоја  година неговото пијанчење ќе трае се подолго и подолго . Психичката состојба ќе му се влошува. И сето тоа лошо ќе влијае на вас и вашите односи. "

Но, ако го кажам ова како да не сум ви кажала ништо.  Бидејќи тоа е само еден мал дел од вистината.

Проблемот е поголем. Многу поголем. Вие имате потреба да одите по работ на пропаста.  
Зошто и која е причината – незнам. Претпоставувам, така се чувствувате жива.

И да заминете од него нема никаква сигурност дека нема да најдете  исто таков дечко.

Зошто? Причината е во вашиот татко.

Таткоа-зависник е една од најголемите трауми за детето.
Повторувам: тоа една од најтешките психички трауми.
Најчесто жените кои имале  татко алкохоличар не можат да си најдат маж. Ако најдат, тогаш тој  или е човек кој ја  понижува ( и тепа) или  е алкохоличар.

Зошто велам дека одите по работ на бездната?

Пијаниот  човек има  многу силни чувства. Чувство на бес, на лутина, омраза, на љубов. И сето тоа може да го исфрли неочекувано, импулсивно. Во секое време очекуваш  од него да збесне. Ве држи во голема внатрешна напнатост.
Животот со алкохоличар е постојан ризик. Тоа е игра со оган.

Но има и такви моменти  кога алкохоличарот е прекрасен човек. Кога  е добар и нежен. Ваквите моменти се краткотрајни, но сепак ги има. И тие се привлечни, поскувани. Наспроти агресијата и бесот тие  се поубави и поистакнати.  И жената многу, (многу!) сака во својот маж да го види  својот  татко - тој добриот и грижливиот татко .   И затоа ги затвара очите и не ги гледа неговите мани ...

Уште вие имате потреба да го спасувате овој човек. Во вас живеат две желби.  Едната желба е да го спасите. Да направите нешто за  него  што никој до сега не го сторил за вашиот татко. А втората - несвесна желба да се чуствувате во  опасност, желба да одите по работ на пропаста.

Овој човек ви ги  исполнува и двете желби. Го спасувате и одите по работ на бездната, кога тој деноноќно пие. Затоа што луѓето  кои со денови се пијани се непредвидливи. Еден погрешен потег од ваша или негова страна  - може  да ви нанесе сериозни последици. Дури и по животот.

Сигурно знаете дека најголем број од убиствата се случуваат во  домашните расправии и во пијана состојба. Сфаќам дека сакате да кажете дека тој не е таков , дека нема да направи такво нешто. Точно е (до некаде) бидејќи и тоа е еден дел од реалноста.

Сепак, разделбата со ова момче засега нема да ви донесе олеснување.  Проблемот не е во него, туку во вашата внатрешна потреба да  спасувате и да се чувствувате жива.

Што треба да направите?

Треба да се сетите на  чуствата кои сте ги доживеале во детството. Почнете да пишувате дневник. Секој ден пишувајте го тоа на што ќе се сетите (во врска со вашиот татко). За она што се случувало помеѓу вас. И за тоа што тој и го правел на вашата мајка. Сетете се како се чуствувавте тогаш.

Постепено ќе почнете да се разбирате самата себе. И вашата потреба да одите по работ на бездната ќе се намали. Таа нема сосема да исчезне бидејќи е дел од вашата личност. Сепак, ќе можете да ја контролирате.

Јас верувам дека ќе успеете.

Share:

Популарни артикли

Вкупно посетители